НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Превентивата е многу значаен фактор за заштита на водите – Соња Ангелeвска Колева, инспекторка по електротехника

Превентивата е многу значаен фактор за заштита на водите – Соња Ангелeвска Колева, инспекторка по електротехника

Превентивата е многу значаен фактор за заштита на водите – Соња Ангелeвска Колева, инспекторка по електротехника

 

Населението во Вардарски Регион се соочува со три вида проблеми во врска со користењето на водата. Првиот проблем се наметнува со недоволната изградба на системи за наводнување, со кои водните потенцијали можат да се користат кога се најпотребни за земјоделството. Вториот проблем е последица на глобалните промени, а тоа се подолготрајните сушни периоди за кои сведочиме сега кога водните ресурси се намалуваат, а нема атмосферско наводнување на земјоделските површини. Тоа доведува и до предизвици во квантитетот и квалитетот на земјоделското производство. Третиот проблем е колку ја чуваме водата. Нејзиното загадување најчесто е резултат на човечки активности, што може да доведе до здравствени проблеми за луѓето, но и опасност за животните и растенијата.

Ова во интервју за Здружението на бизнис жени го вели Соња Ангелeвска Колева од Неготино, која е инспекторка по електротехника и врши надзор за квалитет во областа на електраните и производството на електрична енергија. Во фокусот на нејзиното работење е преземањето превентивни мерки за заштита на водата, почвата и воздухот. Таа е и екологист, па зачувувањето на животната средина и е преокупација и во приватниот живот.

 

Здружение на бизнис жени: Вашето работно место и професионалниот ангажман е невообично да го врши жена. Постојано сте на терен. Како би ја опишале Вашата професија?

 

Соња Ангелeвска Колева: Моите активности, пред сѐ, се насочени кон обврзување на компаниите да работат според норми, за кои е потребна соодветна документација од која се гледа дека ги направиле сите потребни мерки за да се заштити почвата, водата и воздухот од отпадни води и гасови, прашина и други материи и супстанции кои се директни загадувачи на околината. Компаниите мора да имаат изработени проекти – елаборати, кои укажуваат на сите можни загадувачки супстанци, а кои се нус производ од производствениот процес, со потенцирање дека треба редовно да бидат контролирани. Јас изработувам токму такви проектни документации, со што делувам во областа на превентива од загадување и од далекусежни последици кои настануваат доколку не се работи превентивно.

Секоја компанија, фирма е законски обврзана да преземе соодветни превентивни и корективни мерки кои ќе придонесат да се зачува животната средина – преку инсталирање на пософистицирана опрема, филтри, прочистувачи и друго, како и преку спроведување на редовни периодични испитувања со кои се контролира нивото и концентрацијата на штетните отпадни супстанции кои директно или индиректно штетно влијаат на воздухот, водата и почвата.

Сите растенија и организми кои живеат во или се изложени на загадени водни тела ги трпат штетните ефекти од загадената вода. Со тоа можат да се оштетат одделни видови и да се влијае на природните биолошки заедници. Од таму кругот се проширува кон почвата, а потоа кон воздухот и така се создава штетен круг на загаденост кој е деструктивен за сите.

 

Здружение на бизнис жени: Како е поврзана Вашата работа со заштита на водата, почвата и воздухот, со животната средина воопшто?

 

Соња Ангелeвска Колева: Во фирмата во која работам има акредитирана лабораторија за испитување на отпадните води, како и на отпадните гасови од стационарните извори. Оваа работа за мене е голем предизвик и ја работам со голема љубов, пред сѐ, затоа што секој изработен дел е уште еден чекор кон превентивата за заштита на животната средина. Се трудам сѐ повеќе со тимот со кој работам да направам нештата да се подобрат и да бидат поставени според релевантните стандарди и закони. Никогаш не ме изморува работата, напротив секој успешно направен увид ми е дополнителна енергија. Кога гледам дека преку моите активности нештата добиваат друг тек, кој е во рамките на европските барања и стандарди, тоа ми дава огромен мотив да работам на превентивата и да придонесам за навремена заштита од загадувања на водите, воздухот и почвата.

 

Здружение на бизнис жени: Една од новините во сферата на производството на електрична енергија се малите хидроелектрани, кои се дел од твоето работење. Колку малите хидроцентрали се опасност за загрозување на водните тела?

 

Соња Ангелeвска Колева: Не можам да кажам точно во бројки и параметри. Кога одам на терен во посета на мали хидроцентрали, поврзано со она што го работам, гледам дека животински и растителен свет има и пред и после хидроцентралите и дел од рибниот свет поминува низ турбините. Но колку се уништува или задржува не би знаела да кажам затоа што сѐ уште нема таква студија кај нас. А би било убаво да се направи едно истражување и да се излезе во јавноста. Сепак, најмногу на удар е водниот потенцијал и животот во него и затоа убаво би било да се поттикне таква иницијатива.

Зголемените температури исто така може да придонесат за загадување на водата. А како честа причина за термичко загадување е употребата на вода за ладење во електрани и индустриски производители. Зголемените температури на водата ги намалуваат нивоата на кислород, што може да убие риби и да го смени составот на синџирот на исхрана, да ја намали биолошката разновидност на видовите и да поттикне инвазија од нови термофилни видови.

Здружение на бизнис жени: Како жена-претприемач во оваа голема сфера на дејствување, подолго време работите и на други полиња, како на заштита на здравјето при работа, проценител сте на ризици кои ги носат одредени работни места, но и работите на едукација на младите?

 

Соња Ангелeвска Колева: Несреќите при работа и професионалните заболувања можат да уништат нечиј живот и да влијаат врз работниот процес. Целта на проценката на ризикот е да се осигура дека нема да дојде до повреди или заболување како резултат на работните активности. Во текот на годините постојано се развиваат и применуваат мерки и стратегии со цел да се спречат, контролираат, намалат или елиминираат опасностите и ризиците при работа, за да се држи чекор со технолошките и економските промени.

Исто така вклучена сум како менторка на средношколци по електротехника и енергетика од Неготино. Работата со младите ме инспирира и ме поттикнува затоа што секое создавање на квалитетни генерации е основа за подобар општествен развој.

 

Интервјуто го изработи Здружението на бизнис жени во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје

Проектот е имплементиран од: