НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

ВТОР СОСТАНОК НА ТЕМАТСКАТА ГРУПА “ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ“

ВТОР СОСТАНОК НА ТЕМАТСКАТА ГРУПА “ПРИСТАП ДО ФИНАНСИИ“

Вториот состанок на Тематската група „Пристап до финансии “ се одржа во конструктивна расправа околу  извештајот  направен врз основа на добиените повратни информации, од членките во првата тематска група, по однос на мерки и програми за  пристапот на жените до прифатливи форми на финансирање. Состанокот го отвори Јасмина Бошевска од Националната федерација на фармери, која предочи за потребата од дискусија во правец на  развивање на нови предлози и сугестии за други  форми на финансирање и користење на фондовите на институциите и други финансиски инструменти.

На состанокот покрај членовите на четирите организации носители на Проектот,  Национална платформа за женско претприемништво, беа присутни и претставници од Невладиниот и Јавниот сектор, соработници од областа на финансиите и членови на различни органи на Платформата. 

Плодната дискусија на присутните направи увид во состојбите во женското претприемништво и основа да се направат соодветни заклучоци и мерки за во иднина кои ќе доведат до позитивни трансформации во оваа област на бизнис светот на жените.

Невенка Герова од Фондација за развој на локална самоуправа Штип, смета дека еден од поголемите проблеми во нашата држава е не знаењето и немањето на вештини, дека не сме претприемачки ориентирани. Смета дека треба да се воведат програми дури и во основно образование за да можат талентите што ги поседуваат да ги развијат и  реализираат. Не се согласува со тоа дека е потребно да има помошник во постапката на започнување на сопствен бизнис туку повеќе да се обрне внимание на поддршката и на тоа како да пристапат до финансии. Таа смета дека огромен проблем во нашата држава е постоењето на стереотипот дека „ако нешто започнеш во тоа мора и да успееш“  и дека треба да се охрабруваат жените да не се откажуваат при првите препреки. 

Елизабета Тодорова од Министерство за економија, смета дека во однос на оваа тема постојат голем број на прашања, односно доколку би се отворил фонд за женско претприемништво , прашање е кој би го финансирал и кој би раководел со истиот. Таа смета дека неинформираноста не претставува пречка за започнување на бизнис затоа што во изминатиот период се одржале толку многу обуки и проекти и прашањето е како после сето тоа,  се уште постојат неинформирани жени. Во однос на тоа колку компании се поддржани од нивна страна, добила впечаток дека одредени исти компании се поддржуваат постојано, па се поставува прашањето дали другите компании не се информирани за мерките или едноставно не кажуваат. Информираше за тоа дека од оваа година ќе биде објавен Јавен повик само за фирмите кои оствариле позитивен финансиски резултат. Во врска со  мерката за женско претприемништво , Елизабета потенцира дека таа се спроведува веќе 11 години и дека не гледаат никакви позитивни резултати.

Станка Мартиновска од Мани Консалтинг , смета дека не треба се ограничуваат дејностите кои што треба да бидат финансирани.Смета дека треба да се изнајде начин да се следат компаниите на кои им се дава финансиска поддршка во текот на целото нивно постоење , на кој начин се користат тие пари, да се види дали има позитивен ефект, дали напредува таа компанија и дали има потреба од повеќе финансии, односно,  дали има потреба од дополнителна помош. Не е доволна поддршката само на почетокот, туку додека не се види дека таа компанија е застаната на нозе. Смета дека сме многу далеку од финансирање од алтернативни извори.

Семра Реџепи од Развојна банка на Северна Македонија, истакна дека Развојна банка дава кредити доколку оној кој што аплицира за кредит, исполнува одредени услови, без разлика на неговата родова, верска или било каква друга припадност.Оние кои што не добиле кредит, смета дека  сигурно причината била тоа што не ги исполнувале условите, а не затоа што биле мажи или жени. Истакна и дека Развојната банка еднаш месечно има настан за презентација на кредитни линии во секој регион од државата и смета дека тоа е одлична можност за информирање на граѓаните.

Љупка Трајановска од ЦПРМ, смета дека е многу мала информираноста за женското претприемништво на локално ниво. Она што е загрижувачко е тоа дека раководните позиции на локално ниво ги имаат мажи. При поддршката смета дека треба да се земе предвид дали се работи за самохрана мајка или жртва на семејно насилство, каде што можеби економската независност е најзагрозена и можеби најмногу треба да се работи конкретно со нив. Кога веќе се одбиваат оние жени кои се охрабриле да аплицираат, треба да им се посочи каде згрешиле и да им се даде шанса повторно да аплицираат.

Мими Шушлеска Петкова од Сојуз на стопански комори, смета дека не е доволна информираноста на жените за женското претприемништво особено жените од руралните средини. Втор проблем е што жената нема услови воопшто да почне да размислува за претприемништво.

Загица Галеска од Конект, смета дека за да се започне со сопствен бизнис не е предуслов да се имаат информации и дека некогаш не е потребна финансиска помош туку менторска. Жените претприемачки не мораат да знаат и како да аплицираат за финансии и како да го пласираат производот , туку едноставно ние да бидеме тие што ќе ги поддржиме, за тие да можат да се насочат кон нивниот дел од работата, односно производтството. Таа истакна и пример во кој рурални жени кои немале пристап до информации и финансии, па дури и немале ни емаил адреса, се одлучиле да ги продаваат своите производи онлајн. Смета дека треба да има реионални координатори кои ќе ги поддржуваат и ке им помагаат во постапката на пласирање и продавање на производите.

Емилија Андонова од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) , смета дека во секоја општина треба да работи лице кое што ќе може да ги информира жените претприемачки за тековните мерки, грантови и можности, за да можат да се информираат подетално,  да можат да дојдат до тие финансии. Треба да постои посебен фонд за поддршка на женското претпримништво.

Елена Блажевска од Здружение на бизнис жени, смета дека нема доволна информираност во однос на финансиите во рамките на руралните средини. Она што го увиделе во текот на работата е дека, не може секоја жена да знае да аплицира да грантови и дека дури и да е информирана за тоа, не знае како да пополни барање и на тој начин многу финансиски средства  пропаднале.

Валентина Дисоска од Здружение на бизнис жени, смета дека не секогаш е потребна финансиска поддршка туку менторска. За таа цел смета дека фондот кој што ќе се основа за женско претприемништво нема да дава само финансиска , туку и менторска поддршка.Во текот на целиот процес мора да има континуирано следење.

Снежана Димитриевски од Центар за развој на Вардарски плански регион, смета дека во руралните средини нема доволен пристап до информации, но од друга страна во денешно време постојат социјалните медиуми и интернетот кои се значаен извор на информации. Снежана потенцира дека тука важен момент е жената како личност и нејзината мотивираност, истрајност и посветеност за започнување на сопствен бизнис. Смета дека треба да се допре лично до самите жени отколку да се зборува глобално.

Зоран Јанкуловски од Здружение на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија Велес, смета дека е потребно да се отворат канцеларии во рамките на секоја општина за пристап до информации за женското претприемништво, но исто така да има информации и дирекна комуникација на веб страните на секоја општина. Истакна дека е потребно обезбедување на поддршка, размена на ресурси, поддршка во насока на поттикнување на сопственоста на имот на жените.

Горан Лазаревски од МФО, смета дека едукацијата, сопственоста, ниско ниво на спремност, не мотивираност , но и третманот во образовните институции, се прашања кои треба да се решаваат и  влијаат врз запознување на бизнис . Во финансирањето нема емоции, туку критериуми и  во однос на тоа нема разлика дали се работи за маж или жена. Општествената положба ја прави жената второстепена. Тој смета дека мора да почнеме од она што го имаме на пазарот а тоа е занаетот затоа што бара мала инвестиција. Дигитализацијата кај нас се користи за фејсбук, а не за едукација. Тој истакна дека еден земјоделец не може да пополнува апликации за грантови и кредити, пред се затоа што немаме елементарна инфраструктура, што значи дека тој не е во мошност да дојде до банка затоа што нема пат до истата.

Ана Плетварец од Извиднички одред Феникс Прилеп, истакна дека во рамките на нивната организација тие се насочени кон младите и ги поддржуваат младите да започнат свој бизнис каде што ке ги применат вештините кои ги стекнале во звидништвото. ИО Феникс е младинска организација која работи на зајакнување на личниот развој на младите и на нивните вештини. Таа предложи фондот кој што треба да се создаде за поддршка на  женското претприемништво да биде во рамките на веќе постоечки фонд за да се избегнат дополнителни трошоци.

Валентина Тасева од СЕМОС едукација, истакна дека треба да се финансираат само компаниите кои што оствариле позитивен резултат. Треба повеќе да се ззборува за позитивните бизнис примери отколку за негативните. Таа смета дека треба да се создаде фонд кој што биде помогнат од големи фирми.

Ирена Георгиевска од ФИТР, смета дека менторството е многу повеќе потребно , отколку финансиите во процесот на започнување на сопствен бизнис.

Стеван Орозовиќ од НФФ, смета дека Министерствата сами помеѓу себе немаат информативен регистар во државата кој ќе биде достапен.Треба да се прави евалуација на програмите.

Сите овие дискусии доведоа до заклучоци и нови предлози со кои се трасираат нови патеки за развој на женското претприемништво. Како приоритет се: поголема едукација, секоја општина да има свој координатор кој ќе може да ги информира жените за мерките, грантовите и за самата постапка на започнување бизнис, во поддршката на женското претприемништво, да се вклучи и Министерството за труд и социјална политика, да се воведуваат програми уште од основно образование за откривање на таленти и реализирање на истите , да се развива поддршка и охрабрување во однос на тоа дека и да не успеат, можат повторно да аплицираат.  Се посочи анималијата дека само одредени исти компании постојано добиваат поддршка,  дека не треба да се ограничуваат дејностите на кои што им се дава помош, при поддршка да се земе во предвид дали се работи за ранлива група на жени односно самохрани мајки , жртви на насилство итн. Се истакна потребата од формирање на фонд за женско претприемништво, не постоење на ограничувања во однос на сопственоста на имот за пристап до финансии, менторирање на апликантите во текот на целата постапка, поддршка има за сите без разлика дали се работи за мажи или за жени,  да има пристап до информации на веб страните на сите Општини, фондот кој што ќе се создаде за поддршка на  женското претприемништво, да биде во рамките на веќе постоечки фонд за да се избегнат дополнителни трошоци,  да се создаде фонд кој што ќе биде финансиран од страна на големите компании.

Секако дека сите дискусии и заклучоци пред се  доведуваат до поголема информираност на жените за отпочнување на свои бизниси и влез во светот на претптиемништвото.

                                                                                                                  

Проектот е имплементиран од: