НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

ПОВЕЌЕ ЗА ДЕКЛАРАЦИЈАТА

Кои се предизвици во пристојната работа за жените работнички?

– Недоволна информираност на жените работнички за нивните права и механизмите за заштита од дискриминација или други прекршувања на правото на пристојна работа;

– Недоволно информирање и залагање за фер работа за сите вработени, како и едукација за родова еднаквост и аспектите на пристојна работа од страна на жените на лидерски позиции;

– Недоволна запознаеност на жените работнички со институционалните механизми и/или поддршката од граѓанскиот сектор за заштита на нивните права;

– Недоволно вмрежување на жените работнички за поддршка и застапување во синдикатите или други облици на организирање;

– Недоволно (пре)познавање на облиците и справување со дискриминацијата или мобингот на работното место;

– Недоволно охрабрување за надминување на родовите стереотипи поврзани со работата;

– Недоволна вклученост на жените работнички во синдикалните активности, како и во другите форми на формално и неформално здружување и, следствено, недоволно дејствување за адресирање на заедничките предизвици на пазарот на трудот.

Пристојната работа за жените ги опфаќа следните клучни елементи:

Еднакви можности:

  • Еднаков пристап до образование и вработување, ослободени од дискриминација.
  • Еднаква плата за еднаква работа и еднакви можности за напредување и обука.

Безбедни и здрави работни услови:

  • Работни средини што промовираат физичка и ментална благосостојба и се безбедни од опасности.

Социјална заштита:

  • Овозможен и јавно промовиран пристап до системи за социјална заштита, вклучувајќи заштита на мајчинството, здравствена заштита и социјална сигурност.
  • Поддршка за одржување на пристоен стандард на живеење и баланс меѓу работата и семејните обврски.

Сигурност на работното место:

  • Пристап до сигурно вработување со стабилност и заштита од произволно отпуштање или несоодветен третман.

Заштита од родова дискриминација при вработување, унапредување и престанок на работниот однос.

Рамнотежа помеѓу работата и животот:

  • Политики и програми што овозможуваат баланс меѓу работните обврски и приватниот живот, поддржувајќи личен развој.

Глас и претставување:

  • Право на слобода на здружување, колективно договарање и застапување во процесите на донесување одлуки на сите нивоа.
  • Осигурување дека гласовите на работничките се слушаат и се земаат предвид при обликувањето на работните политики и практики.

Декларација:

  1. Промовирање на родовиот мејнстриминг во концептот на пристојна работа:

Ние, потпишаните, ја потврдуваме нашата посветеност на овозможување рамноправност на жените работнички во остварувањето на нивното право на пристојна работа и се залагаме за подобро и просперитетно општество со јасна и балансирана рамноправност во сите сфери, вклучувајќи го пазарот на трудот.

 

За таа цел поддржуваме:

  • Соработка помеѓу потпишаните организации и лица преку креирање на неформално тело или работни групи за соработка, застапување и лобирање;
  • Медиумска промоција на родовиот мејнстриминг на концептот за пристојна работа преку гостување во емисии на телевизии и радио, како и објавени текстови во пишани и дигитални медиуми;
  • Кампањи за подигнување на свеста;
  • Организирање на јавни настани и дискусии, како и можности за учество во менторски програми.
  1. 2. Интегрирање теми за родова рамноправност во социјалниот дијалог:

Се обврзуваме на интензивна заложба за интегрирање на темите за родова рамноправност во рамките на социјалниот дијалог во Македонија. За поголема рамноправност на пазарот на трудот, неопходно е интегрирање на родовата компонента во работењето на сите релевантни тела и организации од социјалниот дијалог. Потребна е засилена дискусија на низа приоритетни теми, како правото на еднаква плата, обезбедување баланс помеѓу работата и приватниот живот, подобрување на условите на породилно и татковско отсуство и спречување дискриминација и малтретирање на работното место.

 

Затоа, се залагаме за:

  • Организирање семинари/обуки/тркалезни маси за зајакнување на дискусијата за поголема родова рамноправност на пазарот на трудот;
  • Залагање за интегриран родов пристап преку состаноци и средби со Економско- социјалниот совет и другите релевантни тела и организации од социјалниот дијалог;
  • Промовирање на родовата рамноправност во социјалниот дијалог преку интернет- кампања и директни средби за вмрежување;
  • Креирање на кратки документи и друг вид публикации за јавни политики.
  1. 3. Зголемување на учеството на жените во социјалниот дијалог:

Се обврзуваме активно да го промовираме и да го поддржуваме зголеменото учество на жените во социјалниот дијалог преку поголема застапеност на же­ните во синдикатите и другите можни здружувања што ги застапуваат права­та на жените работнички.

Во таа насока, повикуваме на:

  • Креирање и спроведување политики и практики што го поттикнуваат и го олеснуваат учеството на жените во здружувања, организации и синдикати, а кои воедно поттикнуваат зголемено учество на жените на лидерски и одлучувачки позиции во овие организации;
  • Организирање трибини и друг вид настани со кои ќе се промовираат можностите за вклучување во синдикати и други релевантни облици на здружување;
  • Организирање отворени или инфо-денови за споделување политики и практики;
  • Креирање на кратки документи или друг вид публикации за јавни политики;
  • Отворање хабови за поддршка и вмрежување на жените работнички, преку соработка со граѓанскиот сектор и институциите.
  1. 4. Воспоставување и зајакнување на одделенијата за жени:

Се обврзуваме да воспоставуваме и да ја јакнеме работата на одделенијата за жени во трговските и работничките синдикати, како и во другите организации за застапување. Овие одделенија ќе се сосредоточат на решавање на родовите специфични прашања, вклучувајќи ги прашањата за обезбедување на правото на пристојна работа, на обезбедување поддршка и ресурси за жените членки, како и застапување за подобар родов мејнстриминг на релевантните политики и практики. 

 

За таа цел, се залагаме за:

  • Креирање нови и јакнење на веќе постојните одделенија/секции на жени и промовирање на нивно поголемо учество во социјалниот дијалог;
  • Зголемување на видливоста на одделенијата/секциите на жени преку различни промотивни активности;
  • Поголема (онлајн) достапност на ресурсите за поддршка на жените членки;
  • Инфо-пултови и отворени линии за поддршка и правна помош на жените работнички.
  1. 5. Воспоставување соработка и партнерство:

Се обврзуваме да соработуваме со јавните власти, организациите на граѓан­ското општество и меѓународните партнери за да го промовираме главниот правец на родова рамноправност во социјалниот дијалог и пристојната рабо­та. Ќе се залагаме за вклучување на овие теми во сите активни дијалози преку заедничка иницијатива и поддршка на програми за унапредување на родова­та рамноправност на работното место. Ќе се залагаме за споделување најдо­бри практики и пристапи за родов мејнстриминг на концептот на пристојната работа.

 

За таа цел, ќе се залагаме за:

  • Вклучување на потписниците во работата на Економско-социјалниот совет и во други иницијативи релевантни за пристојната работа за жените работнички;
  • Информирање и вклучување на властите на различни нивоа во застапувањето и поддршката на жените работнички и нивното право на пристојна работа;
  • Организирање на редовни координативни и информативни со јавните власти, организациите на граѓанското општество и меѓународните партнери;
  • Спроведување на заеднички активности заради синергетски ефект и здружено дејствување;
  • Споделување на добри практики од страна на јавните власти, организациите на граѓанското општество и меѓународните партнери.
  1. 6. Следење и евалуација на напредокот:

Се обврзуваме на зголемена заложба за следење на остварениот напредок во однос на родовата рамноправност во концептот на пристојната работа и во рамките на социјалниот дијалог, како и за мерење и евалуација на постигна­тите ефекти. Потребни се воспоставување механизми за следење и мерење на напредокот, идентификација на предизвиците и потребни приспособувања за да се обезбеди континуирано подобрување.

 

Ќе се залагаме за:

  • Воспоставување и интегрирање на родово-базирани индикатори во политиките и програмите за пазарот на труд и пристојната работа;
  • Редовно следење и информирање преку извештаи и анализи за следење и евалуација;
  • Воспоставување механизми за континуирано следење на потребите и предизвиците на жените на пазарот на труд.
Проектот е имплементиран од: