НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Разбистри се во Тумчевиште – Немаат вода токму кога треба да наводнуваат

Разбистри се во Тумчевиште – Немаат вода токму кога треба да наводнуваат

Стории

Околу 200 жители во полошкото село Тумчевиште, близу Гостивар, живеат главно од земјоделство и одгледување добиток и живина. Иако велат дека имаат пристоен живот, се соочуваат со предизвици, а еден од најголемите им е да обезбедат вода, како за наводнување, така и за пиење. Велат дека главно се снаоѓаат, но дека се потребни трајни решенија.

Системите за наводнување да се активираат порано

Живка Ѓурчиноска е жена фармер и за неа достапноста до вода е од клучна важност.

– Не се доволни само труд и љубов кон земјоделството. За да се биде конкурентен, треба да се модернизира и производството. Да се остварува пристојна заработка и да се развива земјоделското стопанство, водата е неопходна, вели Ѓурчиноска.

Таа посочува дека користењето на водните ресурси треба да биде решено системски, според реалните потреби и да го следи земојделското производство.

– Освен традиционалните култури, како гравот и пченката, од скоро одгледуваме и лешници. Секоја од овие култури има различна потреба за наводнување. На пример, на лешниците им е неопходна голема количина за наводнување особено во периодот на ресење, кога цвета. Тоа е на пролет, а во тој период немаме вода од системот на канали. Наводнувањето и користењето на таа вода е од мај до септември и таа главно се користи за градинарските производи, гравот, пченката и пченицата. Засега тоа го правиме со бушење на бунари и поставување на пумпи со хидрофори. Мора да се размислува оваа пракса да се смени и водата за наводнување да биде достапна во периоди погодни и препорачливи за развој на растенијата, вели Ѓурчиноска.

Водата е клучен фактор и за сточарството

Во Тумчевиште се одгледуваат и крави за производство на млеко. Повозрасните жени од овој регион велат дека освен проблемите со пласманот на млеко, за намалувањето на сточниот фонд влијае и достапноста до водата. Видојка Герасимоска е повозрасна земјоделка и памети кога имало повеќе крави, но тогаш условите биле поинакви.

– Храната во овој крај не е проблем, бидејќи добитокот може да се напасува. Но, проблем е како кравите да дојдат до вода. Порано имаше говедари кои ги напасуваа во места каде имаше вода. Сега повеќе е шталско одгледување и вода се обезбедува со пумпи, вели Герасимоска.

На фотографијата е прикажана гаража, комбајни и бали сено.

Таа додава дека за производство на млечни производи и одржување на неопходната хигиена потребна е чиста вода, па обезбедувањето на водата создава дополнителен трошок кој е на товар на одгледувачите.

Неопходна е рационална потрошувачка на вода

Ѓурчиноска нагласува дека земјоделците самоиницијативно се организираат и се договараат кој, како и кога да користи вода. Изминатите години, кога не течела вода низ водоводот, се снаоѓале индивидуално – секоја куќа има сопствен бунар. Неодамна побарале помош од локалната самоуправа за снабдувањето да се регулира преку селскиот водовод. Општината им излегла во пресрет и ги платила заостанатите сметки за струја за пумпите кои дистрибуираат вода до домаќинствата.

– Сега таа работа е надмината и се чувствува олеснување. Луѓето сфаќаат дека треба да се плати за користење на водата и да бидат порационални, па така вода има за сите, а не мора да плаќаат за дополнители трошоци, вели Ѓурчиноска.

Иако последниве години не се бави интензивно со земјоделство, Видојка заради навиките и понатаму е во нивата. Вели дека сега повеќе произведува градинарски производи.

– Мора и луѓето да сфатат дека водата од водовод треба да биде за домашни потреби. Чистата вода и натаму се користи за наводнување и полевање. Знам дека ако трошам вода од водовод моите пријатели и роднини ќе се соочат со намален притисок, па и да останат без вода, бидејќи таа истекува за друга намена. Свеста и солидарноста мора да подигнат на повиско ниво, вели Герасимоска.

Живка Ѓурчиновска и Видојка Герасимоска беа дел од групата земјоделки кои зборуваа за искуствата и проблемите кои тие ги имаат со достапноста и искористувањето на водните ресурси. Дискусијата ја организираше Здружението на бизнис жени во рамки на кампањата „Разбистри сè“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Зоран Маџовски – Гега
Фотографии: Архива на “Нова Македонија”

Датум

6 октомври 2021Сподели 

  •  
  •  
  •  
IKS logo

Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ се спроведува во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Британската амбасада во Скопје. Активностите во кампањата ги спроведува Институтот за комуникациски студии и Алијансата за застапување и лобирање.

 [email protected]

 30 септември 2021

Проектот е имплементиран од: