НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

РАЗМИСЛУВАЈ НА ГОЛЕМО!

ВО БИЗНИСОТ, КАКО И ВО ЖИВОТОТ – РАЗМИСЛУВАЈ НА ГОЛЕМО!

Што значи да размислуваме на големо?

Истражувањата постојано нѐ потсетуваат дека жените остваруваат помалку профит со своите бизниси, дека потешко доаѓаат до капитал за стартап, дека имаат помалку самодоверба, дури и при повисоко образование. 

При основањето или водењето на сопствен бизнис, многу често се случува жените да не можат да се ослободат од самонаметнати ограничувања или од чувството дека „и малку е доволно“.

Вистината е сурова, но исто така и ослободува – единствениот начин да ги надминеме ваквите ограничувања е решителноста, без оглед на случувањата околу нас.

Жената претприемач може и треба да размислува на големо.

Да размислуваме на големо едноставно значи промена на перцепцијата во поглед на различни аспекти при управување со бизнисот:

  • Пречките треба да ги набљудуваме како можности, наместо како проблеми. Секоја пречка е можност да научиме нешто ново од неа и да го унапредиме искуството и вештините на водење бизнис.
  • Кога ги решаваме пречките треба да се обидуваме да дојдеме до причините и условите за нивно јавување, за да можеме да најдеме соодветни решенија. Притоа е клучно, да се обидеме анализата да ја направиме со вклучување на повеќе луѓе, од различни области, за мултидисциплинарен увид и различни размислувања. Ова може да бидат и месечни салонски дискусии во неформална атмосфера (прв пат користени во Франција, во 1664 год.), на кои ќе се разговара на различни теми од различни перспективи.
  • При извршување на бројните секојдневни активности, не треба да го заборавиме фокусот на големата слика – нашата визија. Визијата е нашата првична и долгорочна цел поради која сме почнале сопствена компанија. Ако поради бескрајните листи на секојдневни активности ја заборавиме нашата изворна цел, тогаш ризикуваме да ја изгубиме „војната“, заради една „битка“. Затоа, повремено треба да се потсетиме каде сме тргнале на самиот почеток и нашите краткорочни цели да ги прилагодуваме кон голгорочниот план за нас и нашата компанија.
  • Потребно е да планираме! Премногу често, претпримечите се потпираат на своето искуство или интуиција, сепак, науката докажува дека формалното планирање е потребно и корисно, како за менаџментот, така и за компанијата во целост. Бизнис планирањето не е само елемент со чија помош можеме да добиеме финасии за бизнисит, туку е деловна алатка која треба да ги води нашите секојдневни операции, во насока на остварување на нашите поставени цели. Притоа е неопходно, да се следи и контролира извршувањето на целите и дали истото соодветствува со планот или се потребни кореции во работењето. Краткорочните цели, треба да внимаваме да бидат и реални и остварливи, за да нѐ доведат чекор по чекор, до остварување на нашата визија. Наместо веднаш да претпоставуваме профит од шест цифри, подобро е на пример, за почеток да предвидиме 20% зголемување на приходите за една година.
  • Играње на големо значи и потреба од создавање на партнерства. При управувањето со бизнис, важно е да се обидеме да изградиме врски и соработка со поголем број на засегнати страни во нашата дејност. Партнерства можеме да градиме со постојни комори, индустриски кластери, локалните или националните институции, граѓански организации, експерти од областа, инфлуенсери, потрошувачки организации, образовниот сектор, медиумите, како и со самите потрошувачи. Колку повеќе партнерства ќе изградиме, толку повеќе ќе си ги подобриме шансите за поголем успех.

Време е жените да стават крај на трендот на размислување на мало! Наместо да се убедуваме себеси дека „мојот бизнис нема шанси да ја постигне таа цел“, подобро е да бараме начини и да направиме план, како да дојдеме до нејзино остварување во рок од неколку години.

Не треба да ја потценуваме моќта на позитивното размислување, кога науката покажала дека и само една насмевка, може во целост да ни го промени денот.

Ако размислуваме на големо, си дозволуваме да оствариме многу повеќе, отколку ако останеме во рамки на самонаметнатите ограничувања.

Да размислуваме на големо и да не заборавиме дека сите почнале како мали компании.



Проектот е имплементиран од: