Вториот ден од одржувањето на Самитот за женско претприемништво “ Инспиративна иднина“, во петок на 18.11. 2022, од 12 часот ќе се одржат две работилници на тема финансии, за сите заинтересирани жени претприемачки.
Во првиот дел “Финансиски менаџмент“ , ментор ќе биде Сашо Велковски, кој е дипломиран економист и работи како финансиски советник. Има 30 години работно искуство во светот на финансиите, има извршувано повеќе менаџерски функции во деловни банки. Велковски е ментор за микро, мали и средни претпријатија, советник во Фондација за развој на МСП, советник во Агенција за поддршка на претприемништвото на РСМ, инвестициски агент, пензиски агент, осигурителен брокер. Последните пет години интензивно работи на поддршка на деловниот сектор преку разни програми, особено во сферата на управување со финансии.
Вториот дел на тема “Обезбедување финансии/односи со инвеститори“ , ментор ќе биде Александар Целески – Сертифициран Менаџмент Консултант (CMC®) со докажано и долго работно и професионално искуство во водечки интернационални менаџмент консултантски компании.
Има повеќе од 17 годишно искуство во подготовка и одржување на тренизи, обуки и менторство за претприемништво, за микро-мали-средни претпријатија, за стартапи, како и искуство во изработка на тренинг и менторинг модули за акцелераторски програми на разни организации, инкубатори и универзитети. Работи советодавни/консултантски услуги како што се бизнис развој и бизнис планирање, физибилити студии, проценки, длабински анализи, трансакционо советодавни услуги, спојувања и превземања, оперативни, комерцијални и финансиски советувања, реорганизација, управувачко сметководство, апликации за заеми и кредити, истражување на пазарот, пристап до нови пазари, политика на цени, буџетирање, итн.
Соработува со UNDP, EBRD, USIAD, Palladium IME2 Project, CEED, Македонска берза, Funderbeam, WBAF, EBAN, Founder Institute, Seavus Accelerator, 700 Accelerator, SEEU Tech Park, итн.