НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Барометар за женско претприемништво 2023

Барометарот за женско претприемништво служи како инструмент за оценување на состојбата и напредокот на женското претприемништво. Преку анализирање на различни аспекти, може да се идентификуваат области за подобрување и да се креираат стратегии и програми за поддршка кои ќе ги подобрат можностите и влијанието на жените во светот на претприемништвото.

Во текот на претходните две години, Националната платформа за женско претприемништво (НПЖП) ги следеше состојбите во областа на женското претприемништво и се интересираше за мислењата и искуствата на жените претприемачи во државата. Како резултат на тие активности, беа објавени два извештаи поврзани со испитувања на јавното мислење спроведени во 2021 и 2022 година, кои ги отсликуваат актуелните состојби поврзани со домашните и меѓународните случувања низ очите на жените претприемачи и ги артикулираат нивните потреби и ставови. И во 2023 година, преку нов Барометар, НПЖП продолжува да ги следи трендовите со цел да се идентификуваат потенцијални промени во поглед на женското претприемништво воопшто, опкружувањето и состојбите поврзани со различни аспекти на почнувањето и водењето сопствен бизнис.

Анкетата е анонимна, се состои од 27 прашања и одзема околу 10 минути. Прашањата се однесуваат на следните аспекти: профил на испитаничката; ставови и перцепции во однос на деловното опкружување; мотивацијата, потребите и предизвиците на жените претприемачи при започнување и водење сопствен бизнис; пристапот до финансии; лични искуства и очекувања; актуелните трендови.

Анкетата се спроведува како дел од проектот „Национална платформа за женско претприемништво (NPWE)“, кофинансиран од Европската Унија, имплементиран од Здружение на бизнис жени, во партнерство со Фондација за менаџмент и индустриско истражување и  Сојуз на Стопански комори на Македонија (www.weplatform.mk). Националната платформа за женско претприемништво е насочена кон поттикнување структурна соработка со националната и локалната власт, граѓанските организации и деловната заедница и зајакнување на довербата за женското претприемништво како предуслов за економско зајакнување на жените, вклучувајќи ги младите и жените од руралните подрачја.

Ова е време кога ни се потребни вашите сознанија и искуства за да ги идентификуваме најдобрите практики, но и слабите точки и предлозите за тоа што може да се направи подобро. Не ја пропуштајте оваа шанса за активно учество во историско закрепнување што навистина може да го искористи целиот потенцијал за раст на бизнисите предводени од жени.

Анкетата може да ја пополните на следниот линк: shorturl.at/stMN5  



Проектот е имплементиран од: