Денеска во Град Скопје се формираше Советот за поддршка на женско претприемништво, којшто на првата седница го разгледа програмскиот акт на Советот со цел посветување на поголема поддршка на жените претприемачи, креирање политики за родово буџетирање, унапредување на родовата рамноправност и програми за финансиска поддршка за жените кои ја почнуваат својата претприемачка приказна.
За Претседател на Советот е избрана Валентина Дисоска која е претседател на Здружението на бизнис жени на Македонија и претседател на Националната платформа за женско претприемништво.
Како прв Совет од ваков вид во градот Скопје, Советот за поддршка на женско претприемништво ќе работи на натамошно развивање и вмрежување со преостанати организации, со цел подигнување на нивото на жени претприемачи во општеството.
Во своите општи цели Советот, пред се, ќе креира политики за да го олесни пристапот во учеството на жените во оштественото дејствување. Ќе дејствува во насока на подобрување на родовите улоги и елиминирање на ограничувањата, а ќе креира и можности за економско зајакнување на жените.
Во своите конкретни цели Советот гo вклучува унапредувањето на родовата перспектива во градот Скопје, како и вклучувањето на неколку принципи на родовите аспекти во креирање на главните политики на Градот, собирање анализа на податоци специфични за родот, еднаков пристап и користење на услугите, еднаква вклученост во одлучувањето, еднаков третман во процесите на управување.
Важно е да се работи на родово сензитирано буџетирање во Градот Скопје, кое како инструмент на финансиска политика за родова перспектива ќе значи праведно распределување на буџетот.
Советот има за цел да креира програми и создава можности за финансиска поддршка на жените претприемачи, но и да креира стимулативни програми за започнување на нови бизниси за жените.