04 Sep Вмрежување (networking) – дали луѓето кои ги знаеш се поважни од она што го знаеш?
Според анализите на Националната платформа за женско претприемништво, жените имаат недостаокот од вмрежување со други засегнати страни поврзани со водењето бизнис.
Од друга страна, вмрежувањето се смета за клучна вештина, која овозможува долгорочно унапредување на работењето.
Вмрежувањето, како во бизнисот, така и во животот воопшто, е важно од повеќе причини.
Вмрежувањето е важна и корисна вештина, не само заради разменување на информации, туку заради мозжноста да се креираат долгорочни врски со засеганти страни, кои се корисни за сите.
Причини поради кои вмрежувањето се смета за неопходно се следниве:
- Преку вмрежување со други луѓе или организации, се овозможува размена на идеи и откривање на добри практики кои можат да се применат.
- Вмрежувањето нѐ прави видливи во очите на потенцијални соработници, партнери, вработени, или луѓе кои имаат моќ и влијание да ни помогнат да напредуваме, како резултат на нашите квалификации, знаења, вештини и производи и услуги кои ги нудиме.
- Преку вмрежување можеме да дојдеме побрзо и полесно до нови можности, како на пример, пласман на производите на нови пазари, привлекување на нови клиенти, надминување на одредени предизвици со помошта на експерти или луѓе со влијание итн.
- Поврзувањето со други луѓе кои имаат одредени знаења и вештини ни овозможува повремено да ги преиспитаме своите знаења и вештини и по потреба да ги надградиме или пак, да си ја зајакнеме самодовербата преку воочување на сопствената професионалност и кредибилитет.
- Вмрежувањето ни помага да го зголемиме сопствениот креативен интелект и да размислуваме на нови начини, поради влијанието што други луѓе со својот поглед на светот и бизнисот можат да го имаат врз нас самите.
- Вмрежувањето може да ни овозможи повисок статус, преку соработка со луѓе и професионалци со висок профил, кои можат да ни создадат нови можности за раст и развој.
- Вмрежувањето честопати резултира во силни и долгорочни врски, кои имаат влијание врз бизнисот не само еднаш, туку повеќе пати.
Вмрежување може да се практикува на повеќе различни места и начини, како што се:
- Членство во бизнис асоцијации, организации и сојузи
- Членство во клубови
- Членство во граѓански здруженија или хуманитарни организации
- Посета или организација на настани
- Учество на конференции, семинари, обуки и сл.
- Образовни институции
- Посета на саеми
- Посета на културни настани
- Состаноци во форма на ручек или вечера
- Прес-конференции за медиуми
- Волонтирање во различни формални или неформални групи
- Спортски настани
- Родителски средби
- Забави
- Он-лајн групи
- Социјални медиуми и др.
За да ја совладаме вештината на вмрежување, постојат одредени правила кои треба да ги следиме. Дел од најдобрите, според нашето искуство се:
- Одреди кои луѓе ти се потребни и потенцијално значајни за бизнисот.
- Направи план за акција, во кој ќе вклучиш листа на настани и потенцијални места и начини за среќавање со избраните луѓе.
- Постави јасни цели за секој од луѓето кои планираш да ги запознаеш – што треба да постигнеш со нивна помош.
- Креирај краток говор за себепретставување (elevator pitch), во кој ќе вклучиш и повик за акција.
- Размисли што можеш да им понудиш на луѓето за возврат (каква корист ќе имаат од познанството и соработката со тебе), затоа што вмрежувањето е активност во која треба да постои взаемна корист.
- На настанот дојди порано, за да имаш прилика да ги пречекаш останатите.
- На настан, значката со името се носи на десната страна, за да биде полесно видлива.
- Обраќај им се на луѓето со користење на нивното име или презиме.
- Направи го првиот чекор, со насмевка. Биди запознавач и поврзувач, не чекај некој да ти пријде.
- Обиди се да оставиш добар прв впечаток.
- Следи го говорот на телото на соговорникот и суптилно практикувај мимикрија (имитација на движењата на телото на соговорникот).
- Слушај што зборуваат другите – следи го правилото на 80:20, според кое 80% од времето треба да слушаме, а 20% од времето да зборуваме.
- После запознавањето, потсети ги луѓето дека се знаете преку порака на мејл, со содржина која ќе вклучува одредена корист за личноста.
Потенцијалните и постојните жени претприемачи, кои се ориентирани кон основање или раст и развој на бизнисот е неопходно да градат врски, соработка и партнерства преку процесот на вмрежување.
Колку побрзо ќе почнеме со примена на корисни вештини, толку побрзо можеме да ги очекуваме резултатите од истите.
Затоа, најдобро е да почнеме веднаш!