Врз основа на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година, усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 8. Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции – компонента 8(а). Финансиска поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции, финансирана од Буџетот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, на ден 17.10.2022 година, се објавува
ЈАВЕН ПОВИК
за претпријатија од приватниот сектор кои се подготвени да го поттикнат својот деловен развој
преку создавање на нови работни места и зелени инвестиции со користење на неповратни финансиски средства – грантови
Мерката за поддршка се однесува на претпријатија[1] од приватниот сектор кои се заинтересирани за отворање на нови работни места и зелени инвестиции односно воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси преку користење на неповратни финансиски средства – грантови.
Финансиската поддршка за нови вработувања изнесува од минимум 205.000 денари до максимум 615.000 денари во зависност од бројот на одобрени вработувања:
- Минимум 1 вработување за минималниот износ на грант од 205.000 денари;
- Минимум 2 вработувања за износ на грант од 410.000 денари;
- Минимум 3 вработувања за износ на грант од 615.000 денари.
Поддршката се доделува во вид на грант – неповратни средства наменети за финансирање на нови деловни инвестиции насочени кон транзиција кон зелена економија при што ќе бидат поддржани следните видови на вложувања: набавка на нова опрема (машини, алати, опрема за обновливи извори на енергија, специјализиран софтвер, лиценци за користење на софтверот, и слични основни средства), и опрема и материјали за енергетска ефикасност. Со поддршката може да биде поддржана набавка исклучиво на нова опрема и/или материјали. Претпријатието има можност да додаде сопствени средства кон доделената финансиска поддршка за набавка доколку вредноста на набавката го надминува предвидениот износ на грантот.
Право на учество во програмата имаат претпријатијата од приватниот сектор кои ги исполнуваат следните критериуми:
- Подготвени се да го поттикнат својот деловен развој преку создавање на нови работни места и реализација на зелени инвестиции;
- Во периодот од 01.01.2020 до објавување на огласот имаат најмалку 4 вработени лица;
- Вкупниот број на работници на неопределено време на денот на аплицирање и пред реализација на поддршката, не треба да биде понизок од просечниот број вработени лица[2]на неопределено време во претходната календарска година, освен ако причините за намалување на бројот на вработени лица на неопределено време се поради прекин на работниот однос (поради отказ од работникот), остварување на право на пензија, смрт или неспособност за работа.
- Бројот на ново вработени лица не може да биде поголем од 50% од просечниот број на вработени лица на неопределено време во претходната календарска година;
- На денот на аплицирање ги имаат подмирено сите обврски по основ на исплатени плати и придонеси од задолжително социјално осигурување;
- Да немаат финансиска загуба во претходната година освен ако загубата е направена поради капитални инвестиции од страна на правниот субјект[3];
- Во 100% приватна сопственост при што најмалку 50,1% е во сопственост на лице/лица со државјанство на Република Северна Македонија.
Правата и обврските помеѓу АВРСМ, УНДП и претпријатијата на кои им е одобрена неповратна финансиска поддршка ќе бидат уредени со склучување на меѓусебни договори.
Заинтересираните работодавачи можат да аплицираат до 26-ти октомври 2022 со поднeсувањe на следните документи:
- Формулар за аплицирање кој треба да се пополни на следниот линк: https://forms.gle/7zprdvktuykrh1WLA
- Скенирани документи за поддршка кои се наведени во Формуларот за аплицирање и кои треба да се прикачат на истиот линк.
Претпријатијата кои поднеле апликација со документи за поддршка, а кои се предселектирани врз основа на административните и критериумите за право на учество, ќе бидат внесени во системот на АВРСМ по службена должност. Претпријатијата ќе бидат известени доколку е потребно да достават Пријава за учество во локалните Центри за вработување.
Деталните информации за мерката се дадени во документот “Правила на јавниот повик и упатство за аплицирање” кој е достапен на горенаведениот линк.
Дополнителни информации за мерката може да се побараат на е-маил адреса: [email protected]