НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Во бизнисот, ако не успееш да испланираш, планираш да не успееш!

Бизнис планот не е само алатка за еднократно собирање финансии за бизнисот, туку е важен чекор во деловното работење, кој треба да служи како патоказ за работењето, на секојдневна основа.

Бизнис планот има конкретна форма, која, доколку ја следиме, има голема веројатност да го изработиме успешно и самите.

Чекори кои треба да ги следите за ефективно планирање во бизнисот се:

  1. Дефинирање на вашиот бизнис и неговите цели. Вашиот деловен план треба јасно да опише што прави вашиот бизнис и кои се неговите цели. Бидете конкретни и реални кога поставувате цели и погрижете се тие да се усогласат со вашата целокупна деловна стратегија. Во овој дел накратко треба да се опишат и понудените производи или услуги, целниот пазар и уникатната продажна вредност.
  2. Анализа на пазарот. Спроведувањето на темелно истражување на пазарот е од клучно значење за разбирање на вашите клиенти, конкуренти и индустријата во која работите (големината и растот на пазарот). Користете ги овие информации за да ги идентификувате можностите и да одговорите на потенцијалните предизвици.
  3. Маркетинг план и продажба. Во овој дел е потребно да се наведе како планирате да го достигнете целниот пазар, вклучувајќи ја вашата маркетинг стратегија, стратегија за брендирање, како и тактиките кои се донесуваат на елементите од маркетинг миксот – производ, цена, дистрибуција и промоција (клучни пораки и канали на комуникација). Воедно, потребно е да се опише продажната стратегија и проектираните продадени количини, за одреден временски период.
  4. Операции и управување. Овој дел треба да даде информации за тоа како ќе се води вашиот бизнис на секојдневна основа, вклучувајќи информации за менаџментот и персоналот, локацијата, капацитетите, ресурсите и оперативните процедури.
  5. Развивање на финансиски план. Во бизнис планот задолжително треба да се вклучат детални финансиски проекции, како што се проектирани извештаи за успех, извештаи за готовински текови и биланс на состојба за три до пет години. Притоа, важно е да се земат предвид сите трошоци, вклучувајќи ги и трошоците за почеток на бизнисот и тековните трошоци.
  6. Идентификување ризици и непредвидени ситуации. Во овој дел од планот потребно е да се идентификуваат потенцијалните закани за работењето (од внатрешни или надворешни фактори на влијание), како и да се подготват чекори за нивно надминување.
  7. Додатоци. Овој дел ги вклучува сите дополнителни информации кои се релевантни за вашиот бизнис, како што се биографии на клучните членови на тимот, препораки и релевантни придружни документи од анализи на пазар, фотографии и др.
  8. Извршно резиме. Резимето се пишува на крај, откако другите делови во планот се разработени, но се става на почеток на планот, со цел да овозможи краток преглед на вашиот бизнис, вклучувајќи го бизнис концептот, целите и финансиските проекции.

Бизнис планот треба да биде едноставен за читање, да вклучува графикони, табели и други визуелни елементи за приказ на делови од истиот. Дополнително, потребно е негово ажурирање, согласно промените на пазарот и трендовите, за да биде доследен со целите на компанијата.

  

Бизнис планот треба да се користи како алатка за да го водите вашето одлучување и да се намалат грешките во работењето на секојдневна основа.



Проектот е имплементиран од: