Во Југо-западниот плански регион има многу успешни жени претприемачки кои ги започнале своите бизниси од нула и добрата бизнис идеја со посветена работа ја развиле во успешен бизнис. Исто така има и многу вредни и вешти жени кои со својата креативноста создаваат уникатни производи од најразличен тип кои секој би посакал да ги има, но потребна им е поддршка за да ова што го прават да го претворат во бизнис.
Со сите нив, претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, Валентина Дисоска и координаторот за градење заедница Мими Шушлеска Петкова реализираа состанок на кој се дискутираше за активностите кои беа организирани во изминатиот период а се дискутираше и за идните чекори. На состанокот организиран од локалната координаторка Сузана Наумовска присуствуваат и претставници на локалната самоуправа кои ги споделија плановите за поддршка на женските бизниси.
Состанокот го отвори Милена Грозданоска советничка во Советот на Општина Охрид, која истакна дека да се биде успешна жена во бизнисот значи да се верува во себе и во сопствениот инстинкт. „Економското зајакнување на жените е од суштинско значење за да се постигне родова еднаквост, инклузивен социјален развој, просперитет, стабилност. Институциите во земјава мора да сторат повеќе за да помогнат во развој на малите и средни бизниси водени од жени претприемачки.
Мора да се одвојат повеќе субвенции, кредити, мора да биде полесно за жените кои имаат сопствени бизниси. Сите заедно ќе лобираме и ќе работиме на реализирање на оваа идеја“, истакна Грозданоска. Ирена Спасеска од Општина Охрид истакна дека локалната самоуправа го препознава и поддржува потенцијалот на женското претприемништво кое годинава влегува во програмите на Општина Охрид. Исто така во фаза на формирање е и Совет за поддршка на женското претприемништво.
Претседателката на Платформата, Дисоска, истакна дека со активностите кои Платформата ги спроведе на локално ниво во изминатата година значително се подигнува свеста за потенцијалот на женското претприемништво и се создадоа услови за креирање на мерки и политики за негов развој.