Треба поголема достапност до вода за подобар квалитет и пласман на земјоделските производи – Живка Ѓурчиновска, земјоделка
Живка Ѓурчиновска од гостиварското село Тумчевиште работи како самостоен претприемач во земјоделството веќе 11 години. Иако се соочува со бројни предизвици во работата, смета дека изборот да се занимава со земјоделство го направила во вистинското време. Денес произведува повеќе од 4 тони лешници годишно, како и големи количини на пченица, пченка и грав, а вели дека има и одличен пласман на производите. Досега не била вклучена во поголеми проекти за поддршка на жените во руралните средини ниту пак во студиски посети во странство, а сегашниот успех го има постигнато со визија за развој, работливост и упорност.
Живка ја сретнавме во екот на берење на домати и правење на домашно доматно пире, полна со идеи и елан за работа. Разговаравме за предностите да се произведува храна во регион кој изобилува со вода, како што е Полошката котлина низ која минува Вардар, како и многу извори и мали реки кои се слеваат од Шар Планина и Сува Гора.
Здружение за бизнис жени: Како да се користи и заштитува водата во производството на храна, особено кога се произведуваат повеќе култури со посебни специфики?
Живка Ѓурчиновска: Природните ресурси треба да се користат рационално, да се внимава на тоа да има и за следниот пат. Тоа е најважно, да ја чуваме водата од прекумерно ненаменско трошење. Исто така водата треба да биде и безбедна за наводнување. Но, на тоа влијаат повеќе фактори. Пред сè, луѓето кои не водат сметка за заштита на водата, но и индустриските објекти кои исфрлаат нечистотии и немаат доволно пречистителни филтри.
Здружение на бизнис жени: Дали треба да се посвети повеќе внимание на едукацијата на земјоделците за наводнување на земјоделските површини и различните култури?
Живка Ѓурчиновска: Секако дека е потребна едукација на земјоделците, затоа што секоја култура има различна потреба за наводнување. На пример, ако за лешниците не ми е неопходна голема количина за наводнување, гравот, пченката и пченицата тоа го бараат и затоа треба да ни е достапна водата, а ние соодветно домаќински да ја користиме за да има за сите.
Едукацијата е неопходна и во други сфери на производството на храна и нам како претприемачи, затоа што многу работи ни се непознати, треба да ги научиме, да се обучиме. Јас лично многу сакам да одам на обуки и да сум вклучена во некои поголеми проекти што ќе ми овозможат постојано да се развивам.
Здружение на бизнис жени: Дали треба да се штеди вода при наводнувањето и како наводнувањето е поврзано со заштитата на почвата од загадување?
Живка Ѓурчиновска: Да, водата мора да се штеди. Оваа година беше сушна во полошкиот крај, па поради тоа наводнувањето требаше да се зголеми дури и до два пати повеќе. За почвата и загадувањето, тоа е врзан процес, ако наводнуваме со загадена вода автоматски и почвата се загадува и растенијата не се толку успешни. Мора за тоа да размислуваме и да ја подигнуваме свеста како земјоделци и како претприемачки.
Здружение на бизнис жени: Колку се вложува од државата за подобро користење на водните ресурси во развојот на земјоделството?
Живка Ѓурчиновска: Недоволни се средствата кои се даваат за водните ресурси. Треба да се посвети повеќе внимание, бидеќи наводнувањето е многу важно, а е на товар на земјоделецот. Достапноста на водата и пристапноста до наводнување на нашите земјоделски површини е еден од најбитните елементи. И, всушност, може да има супер род на почетокот, но заради ненавремено наводнување и голема суша, како оваа година, родот да се преполови и да биде уништен.
Здружение на бизнис жени: Како да се олесни и да биде пофункционално користењето на водните ресурси во земјоделството?
Живка Ѓурчиновска: Клучна точка е навременото наводнување за производот да го достигне потребниот квалитет и со тоа да се обезбеди подобар пласман. Треба да се надминат состојбите кои не се секогаш функционални со достапност на водата.Треба на државно ниво да се направат системи за наводнување на сите котлини, низини каде е сконцентрирано производството на земјоделски производи како и да се направат вештачки езера кои ќе акумулираат вода а потоа земјоделците во сушните периоди на годината ќе користат оттаму за да ги заштитат своите производи, но да немаат од тоа штета другите.
Интервјуто го изработи Здружението на бизнис жени во рамки на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје