Министерството за економија објави ЈАВЕН ПОВИК, за финансиска поддршка за женско претприемништво во туризмот. Предмет на јавниот повик е субвенционирање на туристички и угостителски претпријатија во сопственост на жени (над 50%) и управувани од жени, државјани на Република Северна Македонија, преку кофинансирање на 50% од докажаните трошоци но не повеќе од 100.000,00 денари, по апликант направени за следните намени:
-Набавка на опрема и алати; -Уредување/подобрување на деловниот простор или -Одржување на обуки за вработените за подобрување на квалитетот на услугата.
Согласно Програмата за развој на туризмот во Република Северна Македонија за 2022 година дел II, точка 6 финансиска поддршка за женско претприемништво во туризмот, предвидени се средства во вкупен износ од 2.000.000,00 денари.
Субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2021 и 2022 година.