Денеска тимот на Националната платформа за женско претприемништво, одржа онлајн состанок со избраните Амбасадорки од осумте плански региони во Македонија. На овој начин Платформата која на локално ниво е присутна преку активностите и работата од страна на локалните координаторки, вклучи тим на млади Амбасадорки, кои во својата локална заедница ќе ја развиваат целта на постоење на Проектот а тоа е поттикнување и зајакнување на капацитетите на жени претприемачи и граѓанските организации за јавна политика и застапување во областа на женско претприемништво со спојување на постојните мрежи во единствена платформа што ќе претставува интерес на жените претприемачи на сите нивоа.
Амбасадорки на Националната платформа се: Ана Плетварец за Пелагониски плански регион, Јасмина Николовска од Југозападен плански регион, Анита Дрвошанова од Југоисточен плански регион , Олга Рајчиќ од Скопскиот плански регион, Емилија Манчевска за Североисточен плански регион, Марија Камчева од Вардарски плански регион, Елиф Мамути од Полошки плански и Маријана Николова од Источен плански регион.
Амбасадорките во првиот дел од својата работа ќе имаат Обука за политики и лидерство, која ја организира НПЖП а потоа до крајот на 2023 година следат бројни активности како: организирање на мотивациски говори во средните училишта и на локалните факултети, промотивни гостувања во локалните медиуми како и скенирање на состојбата на терен, креирање на документ и креирање на своја околина за женско претприемништво, промоција и учество на локални настани.
Бројните активности ќе бидат поттик за младите жени во локалните средини да го свртат своето внимание кон претприемништвото како мотив за своја перспектива, економска независност и стабилност.