НАЦИОНАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Фонд за иновации и технолошки развој – повик за поттикнување на социјално претприемништво

Фонд за иновации и технолошки развој – повик за поттикнување на социјално претприемништво

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во врска со Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх.бр. 01-514/17, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година,арх.број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх.број 01-1662/5, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 09.09.2021 година, го објавува јавниот повик за: 

             

ПОТТИКНУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Во денешниот променлив пост Ковид-19 свет, сведоци сме на многубројните предизвици кои чекаат на нас да ги решиме или барем да дадеме придонес во нивното решавање, а успехот на бизнисот повеќе не се мери само според неговите финансиски перформанси, туку и по тоа како придонесува кон подобрување на општеството. Во изминатите неколку години, евидентен е порастот на ентитети кои преземаат активности за решавање на еколошките проблеми, како што се одржливоста и климатските промени, но и социјалните нееднаквости, како што е ниското ниво на инклузивност или ниската разновидност во претпријатијата. Од друга страна, навиките и потребите на купувачите или корисниците на услуги се менуваат. Во светот, но се повеќе и кај нас, купувачите сакаат да знаат нешто повеќе за потеклото на производот или услугата. Дали е производот создаден без нарушување на природните или етичките кодекси или дали може да се рециклира се само дел од примерите на додадена вредност за која купувачите се подготвени да платат повеќе.

Социјалното претприемништво [1] како концепт на водење бизнис не е непознат процес во нашата економија, а во последниве години се повеќе се актуелизира преку разните програми кои циркулираат во стартап екосистемот и кои им помагаат на претприемачите да го дефинираат, мерат и да го зголемат позитивното влијание кое го остваруваат во општеството. 

Социјалното претприемништво односно новите форми на бизниси се обидуваат да создадат вредност или да генерираат позитивно влијание врз општеството нудејќи услуги или производи кои одговараат на специфични потреби на заедницата со понуда на не-конвенционални решенија за општествените предизвици. Овие ентитети се тесно поврзани со социјалните иновации [2] . Нивниот капацитет за иновација и мултипликација станува се посилен механизам за справување со предизвици кои придонесуваат кон исклучување и маргинализација на оние сегменти од општеството кои немаат капацитет сами да се справат со истите.

Типично, најголемиот дел од генерираните профити на новите форми на бизниси во рамки на социјалното претприемништво и нивните социјални иновации се реинвестираат на начин што дополнително ги поддржува целите за одржлив и инклузивен раст. Иновативните идеи на овие ентитети имаат капацитет да го направат светот подобро место. Инспирацијата зад социјалните иновации е да се реализира решение кое не само што ќе му помогне на социјалниот претприемач да генерира профит, туку и ќе направи позитивна промена во светот. На пример, наместо да прифаќаат производствени методи штетни за животната средина, социјалните претприемачи доаѓаат со идеи како околината да не биде оштетена, а сепак да се оствари профит.

Можеби најголемата предност да се биде социјален претприемач е влијанието што може да го имате врз општеството. Социјалните претприемачи создаваат деловни активности во различни сектори кои можат да имаат позитивно влијание врз општеството, вклучително и алтернативни извори на енергија, здравствени услуги и здрав животен стил, социјална заштита и едукација, адресирање на климатските промени и нееднаквостите. Придобивката од социјалните иновации е во слободата на истражувањето и создавањето на иновативни решенија што можат да инспирираат промени. Социјалните претприемачи често преземаат ризици и размислуваат надвор од постоечките рамки наоѓајќи се во постојана потрага по нови начини за решавање на проблемите.

 

Преку овој јавен повик, Фондот за иновации и технолошки развој се обидува да понуди решенија за некои од клучните предизвици со кои се соочува социјалното претприемништво во земјата:

 

  • Недостаток на поддршка за финансирање. Пристапот до соодветни финансиски инструменти е најголем предизвик за социјалните претприемачи. Постоечката понуда на финансиски инструменти не соодветствува со потребите и капацитетите на социјалните претприемачи и е недоволна во споредба со понудата што постои за комерцијалните претпријатија. Затоа, социјалните претприемачи се борат да го акумулираат потребниот капитал и главно ги вложуваат своите заштеди за да се справат со социјалните проблеми.
  • Способност за скалирање односно зголемување на капацитетот за раст и развој. Примарниот проблем со кој се соочуваат многу социјални претприемачи е недостатокот на можност за подигање на работењето на следно, повисоко ниво.
  • Двојност на мисијата. Социјалните претприемачи се стремат да создадат општествена вредност со решавање на разни социјални проблеми кои нѐ оптоваруваат. Преку овој предизвик, со создавање на вистински деловен модел и стратегија, им помагаме на социјалните претприемачи да создадат модел кој е истовремено влијателен и финансиски одржлив.

 

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и Бизнис Импакт Лаб.

Партнерскте организации ќе обезбедат индивидуална менторска поддршка за избраните натпреварувачи во делот на комуницирањето на импактот, а ќе овозможат и пристап до национални и глобални програми за скалирање на нивните бизниси.

[1] Терминот социјално претприемништво покрива широк ранг на активности и иницијативи, вклучувајќи и општествени иницијативи имплементирани од страна на профитни бизниси, ентитети кои експлицитно спроведуваат општествена цел, релации и практики кои носат бенефити за општеството.

[2] Според дефиницијата на Европската Комисија, социјалната иновација значи развој на нови идеи, услуги и модели со цел подобро адресирање на општествените проблеми. Како концепт, социјалната иновација може да се однесува на производ, производствен процес, идеја, општествено движење или комбинација од предходно наведените.

Проектот е имплементиран од: